Овој бенд е многу атрактивен и е еден од најпопуларните на сцената!
Најсилно оружје е она кое ќе им наштети најбргу и најмногу на што повеќе луѓе. Ширењето лажни и обработени фотографии или видеа на социјалните мрежи е моќно оружје. Ваквата „интернет-играчка“, како и вистинското оружје, лесно и бргу може да стане „плачка“ и да им наштети на многумина, вклучувајќи нѐ и нас самите. Ова оружје е навистина моќно и опасно за ракување, а има и многу филтри што се користат за да ги разубавиме нашите фотографии и видеа, на кои ќе им се восхитуваат сите. Оние што ни се восхитуваат потоа ги покоруваме со тоа што сметаме дека сме подобри од нив. Но, нивното восхитување лесно може да премине во презир, па наместо восхит да добиеме потсмев, прекор, а понекогаш и некој лош прекар. Затоа, мора да внимаваме и да научиме како треба да се користи InstaGang!
Супер забавна и духовита група, која знае да намагарчи секого на кого ќе му се намерачи!
Троловите навидум не се опасни за нас и најчесто се насочени кон познатите јавни личности. Сепак, сè почесто се случуваат непријатни ситуации со навредлив говор на цели групи против некој поединец, како што е „тролањето“. Тоа може да се сврти кон секого, па така и кон нас, за жал. За разлика од „булингот“, каде што оној што користи говор на омраза е една личност, тука е активна цела група луѓе која може да нанесе големи штети со напади на незаштитени лица. Исмевањето и напаѓањето на другите, особено кога е тоа јавно како на социјалните мрежи, е нешто што не само што не смееме да го правиме, туку и нешто на што имаме обврска да му се спротивставиме. Некогаш со осуда, некогаш со пријава, а некогаш и со поддршка кон оние кои се нападнати. Не смееме да заборавиме дека жртва на тролањето може да биде секој од нас!
Овој супер бенд ќе предизвика безброј бурни експлозии во вашата глава!
Предубедувањата или предрасудите се однапред донесени ставови и заклучоци за некого или за нешто. Не оставаме простор, ниту време, за разбирање на другата страна од настаните или на приказната. На интернет има толку многу предубедувања што луѓето можат целосно да се поделат на табори врз некоја предрасуда проширена на интернет. Таборот што поседува исти предубедувања следи исти страници и профили, а со тоа само ги засилува штетите од своите предрасуди. Тие полека стануваат општоприфатено однесување на групата, еден вид „влезница“ која мора да ја имаш за да бидеш дел од таа група. Нејзините членови се „наострени“ против своите противници, како што се тоа, на пример, антивакцерите, поддржувачите на теории на заговор, поборниците дека коронавирусот не постои, и други. За жал, тука се вбројуваат и „партиските војници“ или ботови, кои слепо се држат за своите предубедувања, и од таа позиција ги напаѓаат другите иако со тоа им прават штета не само на другите, туку и себеси, бидејќи наместо размена на идеи и дијалог, креираат конфликти и омраза што се штетни за сите.
Овој бенд е многу енергичен и го воспева насилството како никој друг!
Насилството снимено и споделено преку интернет предизвикува ново насилство, кое не можеме да предвидиме каде и кога повторно ќе се појави. Од „наивни“ детски игри, до препирки и тепачки што завршуваат во болница, сите тие можат да удираат силно и да го вознемират целото општество. Гледањето и ширењето насилство преку интернет навистина не е воопшто забавно. Доволно е само да помислиме, што ако тоа му се случи на некој наш пријател или на другарче или, пак, нам самите? Дали и тогаш би ни било смешно и интересно за ширење? Веројатно тогаш наместо да го споделиме, би посакале да му удриме едно „delete“.
Музиката на овој бенд сотира и кине сѐ пред себе!
Дали сте знаеле дека може да се изврши „онлајн ликвидација“, па и „убиство“? На пример, ако работите во некоја компанија и отворите документ од мејл со непознато име, можете да внесете софтвер со вирус, како што се „малвер“ или „спајвер“ пораките, и буквално да ја „закопате“ вашата компанија. Истото може да ви се случи и дома на вашата домашна вифи-мрежа, некој да упадне во неа, да ви ги украде содржините од вашите телефони и компјутери и да ве уцени да платите за вашите видеа и слики да не бидат објавени на интернет. Онлајн криминалецот може да ви го блокира пристапот до вашите дигитални материјали, да ви ги избриши, да ги сокрие или да ги преземе, сѐ додека не му платите. Во време кога речиси сите важни материјали, податоци и содржини, од фотографии, до сметки и лични податоци ги внесуваме и ги користиме онлајн, мора да научиме како да се заштитиме од онлајн никаквеците.
Оваа група се одликува со жестоки рими и стихови што ќе во го скршат срцето!
Говорот на омраза е еден од полесните начини како да му се „допаднеш“ на некое друштво, така што ќе имате ист „непријател“ кого заедно го мразите. И дур’ си трепнал, може да се најдеш во еден куп непријатни ситуации и безброј компликации во коишто ќе мораш директно да ги трпиш последиците! А тие може да бидат различни – од болни караници со долгогодишни пријатели, кои лесно можеш да ги загубиш, до „заглавување“ во полициски притвор поради извршено насилство, без разлика дали е на интернет или во живо. Омразата може од нас да направи нешто од што ќе се срамиме, па дури да почнеме да се мразиме и самите себеси поради сопственото однесување кое ги повредува другите. Тоа е веројатно една од најболните видови омраза којашто мора да внимаваме да не ни се случи. Омразата е како оган од којшто лесно може и сами да се повредиме!
Членовите на оваа група се навистина „страшни дечки“!
Кибербулингот, или онлајн силеџиството, е еден од најчестите видови насилство на интернет. Тоа има многу различни форми, секоја од нив има посебни одлики, а сите се еднакво опасни и болни на свој начин. Некој насилник со нив преку интернет лесно може да прави притисок врз нас, да нѐ напаѓа или да нѐ навредува, а ваквите напади се понекогаш многу поболни од физичките, бидејќи онлајн насилството не можеме лесно да го спречиме и може да трае со денови. Сѐ што ќе се случи на интернет, останува на интернет, и тоа мнооогу долго!
Од музиката и стиховите на оваа фантастична група ќе ви се заврти и помати умот!
Станува збор за стар медиумски трик, но овој пат во ново интернет-руво: Се прикрива една вест со тоа што се пласира друга, сѐ со цел да се сврти, или „спинува“, вниманието или толкувањето во сосема друг правец. Ова е алатка којашто ја користат и најголемите играчи во дигиталниот свет. Спинувањето е техника на која можат да ѝ позавидат и најдобрите тенисери од врвот на АТП-листата! Но, за разлика од тенисот и музиката, спинувањето може да биде многу непријатно и да ни всади многу погрешни идеи.
Овој ансамбл е малку посрамежлив, но навистина вешт во качувањето на вашиот адреналин!
Анонимноста често се користи при коментирањето на некоја вест, фотографија или видеообјава, но така е најлесно и да се шири говорот на омраза. Токму поради ова, често се воведуваат задолжителни регистрации и идентификација за да можете да коментирате на профилите на социјалните мрежи или на интернет-страниците. Кога ниту ова не помага, тогаш може да се случи да биде исклучена можноста за коментирање од страна на сопствениците на профилите и порталите. Гледаме како злобното коментирање и навредување ја намалува слободата на говорот и можноста слободно да комуницираме со другите. Треба да се однесуваме одговорно и да не ја загрозуваме слободата на говорот, ниту за себе, ниту за другите.